Амбасада на Република Северна Македонија во Италија

Најнови вести

Османи од Ватикан: Одбележувањето на овој јубилеј е дел од исполнувањето на аманетот што ни го остави Мајка Тереза, светицата од Скопје, светицата на светот

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вечерва во Ватикан, по повод централното одбележување на јубилејот пет години канонизација на Мајка Тереза, што за прв пат е во заедничка организација на Министерството за надворешни работи и Светата Столица, ја отвори изложбата „Мајка Тереза – од девојка од Скопје до Светица“. „Денеска, кога ја празнуваме оваа светица, ние се потсетуваме и на нејзиното наследство, на нејзиниот завет. И овој денешен настан, е дел од исполнувањето на заветот. Мајка Тереза е и Нобеловка и светица – може ли да се постигне повеќе во еден кус човечки век?! A секогаш ќе остане Мајка на сиромашните, страдалниците и безнадежните. За многумина, таа беше единствената искра надеж. Со редот на милосрдието, Мајка Тереза спасуваше безбројни животи, враќајќи им ја стрдалниците на човечкото достоинство, будејќи ја, истовремено, секогаш на дремка подготвената совест на Човештвото.  Таа постојано потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување, за топол човечки збор. Со сето тоа, Мајка Тереза си изгради жив споменик, потраен и повеличествен од сите наши споменици“, истакна Османи. Говорејќи пред присутните гости, за животот и делото на Мајка Тереза, Османи дополни дека младата Гонџа растела опкружена со сета етничка, верска, јазична и културна различност на Скопје, меѓу католичка и православна црква, муслиманска џамија и еврејска синагога. Таа ги имаше прегрнато вредностите на нашиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа, често велела: „Ако не беше Скопје, ќе ме немаше и мене“.  Скопје, со сета своја различност ја имаше подготвено младата Гонџа за големите различности и предизвици што ги сретна во Индија. „Не случајно нејзиниот портрет стои гордо во мојот кабинет; тој ме потсетува на вредностите што ни ги остави, да научиме да живееме заедно со сите наши, етнички и идеолошки разлики. Верувам дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е ако го исполнуваме овој нејзин завет“, заклучи Османи. Министерот Османи, во светло на одбележувањето на овој значаен јубилеј оствари средба и со секретарот за односи со државите на Светата Столица, монсињор Пол Ричард Галагер. На средбата беше констатирано дека врските меѓу двете земји се цврсто втемелени врз заедничкото споделување важни личности и настани од глобално духовно значење. Соговорниците се согласија дека успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и честите посети и средби чија круна беше апостолската посета на Папата Франциск пред две години, отвора широки можности за интензивирање на секторската соработка. Освен за перспективите на меѓусебните релации, министерот Османи и монсињор Галагер разговараа и за проактивната улога на нашата земја во промовирањето на меѓурелигискиот дијалог како мост за одржлива коегзистенција на верските различности и традиции.  

Ватикан, 6 септември 2021 година

Министерствата за економија и за земјоделие со свои претставници во економската дипломатија

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска потпишаа спогодби за испраќање економски советници од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како дел од поширокиот проект за Економска дипломатија. „Уште на почетокот најавив дека ќе пристапиме со поединечно обликуван, или таканаречен ‘тејлор - мејд’ пристап за различните земји и региони. Во оваа смисла посебно ме радува фактот што проектот за Економска дипломатија фактички го шириме со вклучување на претставниците и од економските ресори, ставени под една дипломатска капа, со што верувам дека ќе обезбедиме најсоодветно економско присуство според спецификите на разните региони и експертизата на различните ресори. Очекувам во наредниот период да обезбедиме услови и за влез во третата фаза, преку која во Економската дипломатија ќе вклучиме и надворешни експерти и докажани професионалци од областа“, истакна Османи, потенцирајќи дека сите упатувања се дел од пилот – проектот за оваа година, од каде се очекува и првичниот инпут за успешноста од целиот процес и неговата целисходност за понатаму. „Очекувам нашите претставници во економската дипломатија да внесат поголема економска димензија во надворешната политика, притоа да ги прошират каналите за интензивирање на трговската размена, на отворање нови пазари за постојните компании, да обезбедат полесен и поинформиран пристап на потенцијалните странски инвеститори и со тоа да обезбедиме услови за уште поинтензивен економски раст“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши. Во сличен тон и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски ги потенцираше огромните потенцијали од унапредувањето на размената за земјоделието, преработувачката индустрија и производството на храна, за што веќе е создадена пристојна бизнис база и во земјата која доколку и се обезбеди соодветен пристап може компетитивно да се натпреварува на светските пазари. Со потпишувањето на меморандумите меѓу ресорите се најавија и првите економски советници од двете министерства кои ќе бидат испратени преку Министерството за надворешни работи. Од Министерството за Економија ќе бидат испратени економски советници во Женева со надлежност за Светската Трговска Организација, потоа во Брисел, со надлежност за земјите на БЕНЕЛУКС; во Генералниот Конзулат во Чикаго, со надлежност за регионот на таканаречните езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота). Од Министерството за земјоделие шумарство и водостопанство ќе биде испратен економски советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделие - ФАО, но воедно и со надлежност врз територијата на Италија; додека во подоцнежната фаза, во план е од Земјоделие да бидат испратени економски советници во други места соодветно на специфичните надлежности на овој ресор. Првата група економски советници беа избрани за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби, а МНР Османи извести дека во тек е и конкурсот во рамките на МНР со кој ќе биде испратен и еден економски советник во Софија.

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Туристички дестинации

Баба Планина, Битола

Охридско езеро, Охрид

Дојранско езеро, Дојран