Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денес оствари видео средба со новоименуваниот амбасадор на Обединетите Арапски Емирати за Република Северна Македонија, со седиште во Рим, Омар Обеид Мохамед Алхесан Алшамси по повод предавањето на копиите од акредитивните писма.
Министерот Османи, посакувајќи му успех, изрази увереност дека амбасадорот Алшамси со своето дипломатско искуство и личен ангажман, ќе даде значаен придонес во натамошниот развој на односите меѓу двете држави.
Во разговорот, соговорниците се осврнаа на првата официјална посета на МНР Османи на ОАЕ, како и на потенцијалите за продлабочување на односите и унапредување на севкупната соработка во претстојниот период. Во тој контекст беше искажана заемна подготвеност за продлабочување на соработката, особено во сферите на економијата, трговијата и инвестициите, како и доуредување на договорната рамка. Амбасадорот Алшамси искажа задоволство од приликата да даде личен влог во функција на интензивирање на севкупните односи и соработка.
На средбата, беа разменети мислења за надворешно-политичките приоритети на двете земји, како и за актуелни регионални и меѓународни прашања.